Македонскиот државјанин убиен близу Кабул е од Скопје и имал 37 години

Молк од МНР, ден по киднапирањето и убиството на нашиот државјанин близу Кабул. Но, Телма од свои извори неофицијално дознава дека се работи за жител на Скопје, кој бил роден 1981 година. За трагичниот инцидент, во кој покрај нашиот државјанин, настрадале и уште двајца странски државјани, се огласи извршниот директор на компанијата „Содексо“, за која тројцата работеле во Кабул.

„Многу сме тажни и шокирани од сознанието за трагичната загуба на тројцата членови на нашиот тим, во Кабул- Авганистан, денеска. Во име на заедницата на „Содексо“, сакаме да кажеме дека нашите срца се со нивните семејства, пријатели и колеги. „Содексо“ соработува со властите во Кабул и ќе ги споделиме новите информации кога ќе пристигнат. Можеме да потврдиме дека вработените биле од малезиска, индиска и македонска националност. Воспоставуваме линија за психолошка подршка за нашите локални вработени“, посочи Денис Машуел извршен дирктор на компанијата СОДЕКСО.

Трагичната вест ја пренесе вчера агенцијата „Ројтерс“, цитирајќи го портпаролот на началникот на кабулската полиција, Хашмат Станикзаи. Телата биле пронајдени и идентификувани по пасошите на убиените , објаснил изворот. А, како што пренесува порталот Експрес Трибјун, истиот извор од полицијата рекол дека во оваа фаза на истрагата,  сметаат дека се работи за терористички инцидент со киднапирање.

Инцидентот се случил во четвртокот, откако групата го напуштила работното место со автомобил  и возач. По еден час, телата биле пронајдени од полицијата во друго возило, во руралниот дел на Кабул, а странските државјани биле застрелани во возилото, рекол Бахар Мехар од авганистанското МВР.

Кабул се соочува со криминални банди кои се занимаваат со киднапирање за откуп, напаѓајќи често пати странци и богати локални жители, а понекогаш жртвите се предаваат на бунтовниците. За сега, ни една група не презеде одговорност за убиствата. Инцидентот се случил еден ден откако повеќе од 150 борци на Исламската држава се предадоа во северен Авганистан и по подавањето рака меѓу авганистанските безбедносни сили и Талибанците, што се смета за  крај на оваа екстремистичката група.

Сотир Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ