
Ќе одговараат лицата кои направија инцидент на Мечкин Камен
Видео снимките повторно се главниот доказ со кој полицијата ги идентификува луѓето кои вербално и со предмети ги нападнаа странските дипломати и владината делегација на Мечкин Камен. Таа веќе препознала дел од оние кои ширеа говор на омраза и веќе се повикани во полициска станица. Во исто време Министерството за одбрана информира дека меѓу учесниците имало и професионален војник.
„Формирана е комисија со цел покренување на постапка против професионалниот војник Мартин Богоевски кој е евидентиран односно препознаен на видео снимка од инцидентот во Крушево. Со цел да се добие увид во ситуацијата и во заднината на случувањата, професионалниот војник Богоевски денеска е повикан на разговор и на распит во Воената полиција. Во текот на распитот војникот Богоевски, иако на видео-снимките се гледа како стои во првиот ред, негирал дека учествувал во инцидентот во кој беа нападнати вербално и со фрлање предмети високи официјални гости од странство како и владината делегација која дојде на Мечкин Камен со цел да зеде учество во прославата на Илинден“, велат од Министерството за одбрана.
Во меѓувреме се истражува и дали полицијата имала добра проценка за безбедносниот ризик за овогодинешната прослава на празникот Илинден. Таму најгласни со навредливи скандирања беа навивачки групи, меѓу кои имаше ознаки на чкембари, комити, лозари. И членовите на патриотските здруженија навредуваа дел од присутните меѓу кои и сегашниот советник во владата Љубе Бошковски. Дел од присутните фрлаа и предмети кон делегациите. Полиција пак речиси и да немаше. Според безбедносните експерти направен е пропуст особено во време кога гостин на прославата е висок преставник на стејтепартментот Метју Палмер.
Инаку навредливите извикувања и скандирања беа и на етничка основа. Денеска реагираше Министерството за надворешни работи на Албанија.
„Веруваме дека ова е однесување на една мала група луѓе поттикнати од екстремни националистички чувства и се надеваме дека таквите инциденти кои вклучуваат етничка омраза ќе останат изолирани. Министертвото за Европа и надворешни работи на Албанија ги повикува одговорните институции да спроведат истрага против поттикнувачите на насилство и да ги изведе пред лицето на правдата“, реагира Министерство за Европа и надворешни работи на Албанија.
Додека траеше инцидентот никој од функционерите јавно не го осуди. По ова следуваше само кусо соопштение од кабинетот на председателот на државата Ѓорѓе Иванов. Во него осуда немаше туку само жалење што владеачката гарнитура била исвиркана. Денеска од кабинетот за Телма одговараат дека осудуваат шовинизам, лажни вести, повици за омраза и недолично однесување кои водат кон насилие и нарушување на јавниот ред.
Билјана Николовска