Локалните власти во Тетово заборавија на Илинден

Дека е државен празник, во Тетово сведочеше само скромната манифестација пред Споменикот на револуцијата во центарот на градот.

На загинатите борци од НОБ, почит со положување букет свежо цвеќе им оддадоа неколку организации и политички партии.

Општинската власт одлучи годинава да не испрати свој преставник. За игнорантскиот однос на локалната власт чија должност е да ги организира и одбележува државните празници макар и со поставување на државни знамиња, крајно време е да се позанимава Јавното обивнителство, истакнаа од Сојузот на борци.

И годинава одбележувањето на Илинден пред Споменикот на револуцијата организирано од Сојузот на борци, помина без спомен бистите на народните херои Ѓоце Стојчевки Амбарче и Тодор Циповски Мерџан, кои локалната власт одбива да ги врати, откако во 2006 година беа незаконски остранети поради реконструкција на градскиот плоштад.

Од Сојузот, велат дека општината досега иако дала безброј ветувања не донела одлука за враќања на бистите. Трпението им е при крај, планираат на некој од наредните празници сами да ги постават народните херои .

Изминативе неколку месеци единственото спомен обележје од НОБ во Тетово беше нагрден со провокативни содржини. Но наместо општината која е надлежна за одржување на обележјата, Споменикот на револуцијата го санираа преставници од Музејот на тетовскиот крај.

 

Зоран Димовски

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ