САД со силна поддршка за референдумот – Палмер: Опозицијата стратешки да размисли за Договорот од Преспа

Македонија мора да го искористи клучниот историски момент за да се приклучи на НАТО и Европската Унија. Американскиот дипломат Метју Палмер од Стејт Департментот упати јасни пораки при посетата на Скопје.

Референдумот на 30 септември мора да биде успешен со голема излезност на граѓаните за Македонија да оди напред со голема поддршка од САД.

„Јасно е дека референдумот на 30 септември ќе биде значаен датум. Ќе и даде на македонската јавност можност да го изрази својот глас за Договорот. Се надеваме дека луѓето ќе излезат, ќе гласаат и ќе се изразат себеси и дека тоа ќе го направат во атмосфера ослободена од дезинформации и обесхрабрување. Ова е историски момент за Македонија“ рече Палмер.

Палмер и порача на опозицијата дека мора на прво место да ја стави државата и македонските интереси.

„Пораката која и ја пренесов на опозицијата и ќе продолжам да ја пренесувам е да размислуваат за ова стратешки, да ја стават државата на прво место, да размислат што е најдобро за светла иднина за македонските граѓани и особено за младите луѓе. Треба сериозно да земат во предвид што нуди Договорот од Преспа како иднина, како европска иднина за Македонија“, изјави Палмер.

Мицкоски претходно на средбата со Палмер му кажа дека е неприфатливо да се распише референдум без консензус со опозицијата. ВМРО-ДПМНЕ се залага за интеграција на Македонија во ЕУ и НАТО, но за формулирање на референдумското прашање мора да се почитуваат демократските принципи.

И претседателот Иванов сличен став му пренесе на дипломатот од Вашингтон, Договорот од Преспа е неприфатлив.

„Во однос на постигнатиот договор меѓу владите на Република Македонија и Република Грција, претседателот Иванов истакна дека не прифаќа договор со кој се крши Уставот, Законите и се рушат државните институциите и претставува договор кој е на штета на македонските национални интереси“ соопштија од  Кабинетот на претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов.

Утре Палмер ќе го слави Илинден на Мечкин камен во Крушево. Таму ќе се обрати и претседателот Иванов кој останува еден од најголемите противници на спогодбата за името меѓу Македонија и Грција.

Христијан Станоевиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ