
Македонска пошта ќе ги исплати оштетените граѓани
Во понеделник почнува исплатата на оштетените Злетовци од поранешниот поштенски службеник, кој со години им испумпувал пари од сметките, а во штедните книшки не им ги внесувал парите и каматата. Според проценките на измамените станува збор за штета од 200.000 евра, кој им ја направил службеникот, а по расплетувањето на случајот изврши и самоубиство. Надлежните од Македонска пошта по сторијата на Телма за стотината измамени Злетовци денеска за случајот информираат преку писмено соопштение.
- Формирана е комисија од страна на Македонска пошта и Еуростандар банка, за да се констатира фактичката состојба и во тој контекст сакаме да ги информираме штедачите кои се засегнати во настаната ситуација дека почнувајќи од следната недела ќе започне обештетувањето на оштетените лица, соопштија од Македонска пошта
Од Македонска пошта денеска не одговорија на прашањата за колкава сума на пари станува збор, која измамените жители на Злетово треба да ја добијат и на колку од нив ќе им биде исплатено. Исто така засега не добивме иформација и за заштедите на оние граѓани, на кои починатиот службеник штедните книшки им ги чувал, како што велел во сефот на поштата. Од Јавното обвинителство одговорија дека работат на случајот и во тек е постапка. Се очекува наредната недела институциите да имаат повеќе информации за овој грабеж на стотина жители од злетовскиот регион, од кои најбројни се пензионерите.
Викторија Јованова