
Камионите ја минаа косовската граница, иако официјален допис нема
Еден ден по одлуката на косовската Влада да ги повлече спорните повисоки царини, двата камиони натоварени со македонски земјоделски производи доцна попладнево ја поминаа границата со Косово. Но, косовската и македонската Царина се уште го немаат добиено официјалниот допис од нивното министерство за трговија, дека се укинати заштитните мерки. На кванташкиот пазар во Скопје, пак, велат дека работата од утрово конечно тргнала на подобро.
„Производителите и трговците кои продаваат овде на кванташкиот пазар велат дека од утрово се чувствува далеку поголема раздвиженост. Голем број трговци од Косово дошле и натовариле стока со македонски производи кои ќе бидат продадени на косовскиот пазар. Но, многу поголема побарувачка се очекува за попладневните часови“.
По две недели фрлање на стоката и претрпени големи штети, конечно се реши проблемот, задоволни се продавачите. Од вчера имале голема фреквенција на стоката, а цените почначе значајно да се зголемуваат.
- За вечерните часови имаме големи нарарчки, нарачани се 100 тони производи, односно 5 камиони. Но проблемот сега е што немаме доволно капацитет за нив, дали ќе имаме доволно производи колку што бараат. А додека беше царината, еден камион дали ќе излезеше, дали не, преку цел ден“, вели Џемаил Садики, производител и трговец.
- Состојбата сега е многу подруга, доаѓаат косоварите од утрово рано и товараат, подруго е малку. Мислам дека се натоварени три камиони од Косово. Зеленчук, крушка, слива. Овие две недели беше мртво, ништо немаше“, вели Фадиљ Јакупи.
Но според информациите од Царина, до подготовката на овој прилог, двата камиони се уште не беа поминати. Се претпоставува дека натовариле стока затоа што имаат ладилници и на граница ќе чекаат официјално да се укине мерката.
Владата вети дека правилно ќе ги измери штетите и ќе ги обесштети земјоделците.
- Од Владата веќе ништо не бараме, ова е јак плус што ги укина царините. Досега се издржа некако, а да траеше како што велеа, 85 дена или 90 дена, тоа не би се издржало, би се фрлила целата стока во депонија. Ние сме задоволни и од медиумите, што ја проширија во јавност целата ситуација. Сега сите ќе бидат задоволни“, вели Џемили.
Трговците уверуваат, домашните потрошувачи нема да настрадаат поради зголемените цени на земјоделските производи, напротив, тие ќе станат реални и секој ќе може да си ги дозволи.
Нина Нинеска Фиданоска