Експропријацијата на земјиштето ја одложи изградбата на железницата Македонија-Бугарија

За 18 месеци се одложува изградбата на пругата Куманово-Бељаковце, првата делница од железничката траса кон Бугарија, што е второ одложување досега.

Овојпат, кочница се недовршените административни работи околу експропријацијата на градежните парцели, која треба да ја финансира Владата.

  • Уште од самиот почеток кога имаше проценка, тој имот беше многу ниско проценет. И нормално, сопствениците на тие градежни парцели не дадоа на суд и целиот процес уште се влечка по судови. Без завршување на процесот на експропријација, не можеме да ги завршиме работите. Ние имаме голем проблем и да ги платиме експропријациите затоа што во буџетот на железници наместо нула три посто од даночните приходи, ние од државата не добиваме ни нула еден посто“ кажа Ирфан Асани, директор на ЈП Македонски железници.

Процесот на експропријацијата е завршен само во првите осум километри од пругата. Целосната изградба на делница е планирана за крајот на 2019 година.

Тендерот за изградба на втората делница од пругата кон Бугарија, која води од Бељаковце до Крива Паланка, е објавен пред четири дена.

Вторпат се објавува тендерот, а првиот пат е поништен поради недостаток на фирми кои ги исполнуваат условите. Предвидени се 145 милиони евра за негова изградба.

Третата делница, која ќе се протега од Крива Паланка до Деве Баир иако најкратка, со должина од 24 километри, ќе чини најмногу. Проектот за нејзината изведба е проценет на 350 до 400 милиони евра.

Камен темелник на пругата која железнички ќе ги поврзе Македонија и Бугарија беше поставен во март 2014 година. Пругата е со должина од 90 километри, а изградбата ќе чини до 600 милиони евра. Парите за градежните работи се позајмени од фондовите на Европската унија.

 

Петар Догов

 

 

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ