
Иванов надвор од процедурите му дал строго доверливи документи на Милошоски
Администрацијата во кабинетот на претседателот постапила спротивно на процедурите кога во коверт на лично барање му ги дала строго доврливите извештаи од лидерските срдеби на пратеникот Антонио Милошоски- ова го утврдила инспекциската проверка на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации. Од дирекцијата потврдуваат дека се откриени проиусти во кабинетот и дека извештајот е подготвен и се финализира.
Инспекторите на дирекцијата во петокот биле на Водно, ги провериле начинот на постапување на службите во кабинетот на Иванов кога испратиле строго доверливи документи. Првиот пропуст е тоа што не провериле дали барателот, во случајот Милошоски има или нема соодветен безбедносен сертификат и не провериле дали тој има потреба да биде запознаен со содржината на документите во рамки на неговите надлежности. Требало да се провери и дали барањето е за поголема група луѓе, во случајот цела комисија и дали сите имаат сертификати. Иако не провериле ништо од ова, од кабинетот ја подготвиле пратката и по курирска служба му ја доставиле на рака на Милошоски иако согласно законот такви документи требало да бидат предадени во собраниска архива, да се заведат во посебна деловодна книга, и да бидат чувани одделно од некласифицираните информации. Откако е утврден пропустот изготвен е извештај и сега најверојатно дирекцијата ќе го предупреди кабинетот и ќе му даде корективни мерки за да се спречат слични упади во доверливите информации во иднина.
Строго доверливите извештаи од две лидерски средби за разликите околу името се во Собранието кај спикерот Талат Џафери. Милошоски кој е претседател на комисијата за надворешна политика, бара тие документи да бидат претставени за време на годишното реферирање на министерот за надворешни Никола Димитров и смета дека со недозволувањето тие да бидат објавени се крие како се преговарало за спорот. СДСМ пак му најави кривична пријава на Милошоски за земањето на строго доверливи документи иако повеќе од две години немал безбедносен сертификат. Комисијата трипати се одложуваше, а утре е закажано ново продолжение.
Миомир Серафиновиќ