Референдумот распишан во отсуство на ВМРО ДПМНЕ

„Дали сте за влез во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?“.

68 пратеници од мнозинството денеска одобрија, ова да биде прашањето на кое граѓаните ќе треба да дадат одговор на референдумот, што го распишаа за 30-ти септември. ВМРО ДПМНЕ пред гласањето ја напуштија седницата, без да ги образложат двата амандмана што ги поднесоа, а со кои бараа, од прашањето да се тргне делот за ЕУ и НАТО, а референдумот да биде задолжителен. Иако претходно најавија дека остро ќе се спротивстават на распишувањето на референдум со ова прашање, за дискусија се јави само еден пратеник, кој повтори дека прашањето е двозначно и збунувачко.

Амандманите на ВМРО ДПМНЕ беа одбиени, а од СДСМ го повторија ставот дека Македонија нема друга алтернатива освен ЕУ и НАТО.

Референдумот ќе ја чини државата 3 ипол милиони евра. Сумата беше одобрена од мнозинството пратеници, а парите ќе се обезбедат преку кратење на буџетите на неколку министерства, на владата и на Службата за општи и заеднички работи. Најмногу пари, околу 1 милион евра  ќе се префрлат од Министерството за финансии, а прераспределба на средства ќе треба да направат и министерствата за здравство, економија, оразование,  култура, труд и социјала, транспорт и врски, земјоделство и животна средина.

Далиборка Демјанска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ