
Пониски сметки за парно за 3,1 отсто ќе добиваат потрошувачите на БЕГ, почнувајќи од август годинава
Пониски сметки за парно за 3,1 отсто ќе добиваат потрошувачоите на БЕГ, почнувајќи од август годинава. Вака одлучи Регулаторната комисија за енергетика, од каде велат дека иако ова намалување можеби ќе изгледа минимално, тоа се постигнало во време кога цената на природниот гас која учествува со 60 отсто во цената на парното, во однос на минатата година е зголемена за дури 40 проценти. Регулаторите велат дека ова се постигнало така што БЕГ ќе мораат да ја скусат својата заработувачка, бидејќи маржата е преполовена и ќе изнесува само 2 отсто. Компанијата имала забелешки за намалувањето.
Од РКЕ велат дека ќе ја следат цената на природниот гас на пазарот.
Многу помал процент на намалување, од само 0,76 отсто ќе добијат потрошувачите на Топланата Скопје север. Од Регулаторна велат дека ова се должи на драстично намалениот број на потрошувачи, од 2000 корисници во 2009 година, сега се приклучени само 469 семејство, па ситуацијата таму се смета за исклучително лоша.
Кај корисниците на ЕЛЕМ енергетика процентот на намалување е одреден на 1,3 отсто.
Исклучените од парно, чии претставници од здружението Но пасаран денеска на заедничка седница очи во очи се соочиле со регулаторите и со раководството на БЕГ, и натаму ќе плаќаат паушал, иако нивниот фиксен трошок ќе се намали за 8,4 отсто, што значи дека оние чии сметки биле над 1000 денари, сега ќе плаќаат по околу 950. Од септември, заедно со претставници на БЕГ и Здружението „Но пасаран“ на незадоволните исклучени од системот за топлинска енергија, РКЕ ќе работи на донесување нови подзаконски акти за регулирање на обврската што ја имаат.
Во врска со најавата на Град Скопје дека ќе ја преземе дистрибуцијата на топлинската енергија, Бислимоски вели дека новбоформираното градско претпријатие се уште нема аплицирано за лиценца, а БЕГ воопшто не се противи на нивно вклучување во системот. Но, тоа во никој случај нема да доведе до повисоки цени, односно и за нив ќе важи денешната одлука на комисијата.
Нина Нинеска-Фиданоска