
Во обвинителството ја чекаат пријавата против Милошоски за упадот во доверливите информации
Собраниската сала каде требаше да расправа комисијата за надворешна политика остана празна, закажаното продолжение на кое отчет требаше да даде министерот за надворешни Димитров рано утрово било одложено од комисискиот претседател Антонио Милошоски поради собраниски обврски. Милошоски не одговори на нашите повици.
Проблемот се создаде откако Милошоски барал и добил строго доверливи документи од кабинетот на претседателот Иванов иако немал безбедносен сертификат. Милошоски се обидуваше тие документи да бидат дел од расправата по информацијата на министерот Димитров, но од СДСМ му најавија кривична пријава бидејќи неовластено располагал со безбедносни информации иако немал право да ги гледа и да ги чита. Пратеници од СДСМ, за Телма потврдија дека пријавата се подготвува и сите потребни докази ќе бидат доставени до јавното обвинителство.
Милошоски во последниот настап тврдеше дека СДСМ не сака да се рагзледуваат извештаите од лидерските средби за името за да сокријат од јавноста како се одвивале преговорите.
Според информациите на Телма, Милошоски на 6-ти јули го упатил барањето до кабинетот на Иванов, но не преку собраниските служби туку лично и како претседател на комисијата. На 9-ти јули го добиле писмото во кабинетот, а потоа за две недели (на 23-ти јули) биле подготвени и потпишани два одговори за две лидерски средби. Два дена подоцна, односно на 25-ти јули, кога била закажана комисијата за надворешна политика, писмото со курирска служба и со назнака дека станува збор за класифицирани информации е доставено до Милошоски. Собраниските служби и процедури биле прескокнати. Едното писмо било отворено, а второто не. Тогаш преку службеничка во собранието која исто така немала безбедносен сертификат и била вработена по договор за привремено вработување, Милошоски ги доставил документите во Собраниската архива и барал да се копираат за членовите на комисијата.
Тогаш било откриено дека тој имал истечен безбедносен сертификат од 2015-та година и нема право да располага со такви информации. Веднаш потоа Милошоски барал да му се даде сертификат, но тоа барање се уште не е доставено до анадлежната Управа за безбедност на класифицирани информации. Милошоски иако немал сертификат, ја водеше и затворената комисиска седница лани кога се расправаше за во тоа време класифицираниот договор за добрососедство со Бугарија.
Миомир Серафиновиќ