ЕК го искара Косово за блокираниот извоз од Македонија

Европската комисија го искара Косово затоа што заштитните мерки што ги воведе пред 12 дена кон земјите од регионот се уште се во сила. По повеќе денови чекање и неколку обиди земјите од регионот да ги надминат разликите во овој земјоделско-трговски спор, Европската Комисија изрази силна загриженост за делумното укинување на мерката за увоз на овошје и зеленчук, јавува МИА од Брисел

„Жалиме што заштитните мерки остануваат на сила за другите земји, вклучително регионалните партнери во ЦЕФТА. Ова е загрижувачки и штетно за регионалната економска соработка. Затоа, ЕК итно го повикува Косово да се однесува конструктивно за да ја реши ситуацијата без одлагање, особено со оглед на тоа дека Косово моментално претседава со ЦЕФТА“.

Дали пред ваквите остри зборови Косово ќе попушти ќе се види на утрешната седница на која според зборовите на министерот за економија Кршеник Бектеши ќе се разгледуваат аргументите за штетите што ги трпат македонските земјоделци а што тој во петокот му ги пренесе на косовскиот колега Хасани. До тогаш ниту министерството за економија ниту министерството за земјоделие не кажуваат дали подготвуваат контра мерки на кои во неколку наврати апелираа и земјоделците и трговците.Бараат мерката итно да се повлече за да се стави крај на загубите што ги бројат со денови.

„Ако не се преземат соодветни мерки за надокнада на штетите на производителите што ги трпат од незизвезените производи, мор аи ние со ист режим да постапуваме“, кажа Ристо Велков сојуз на земјоделски производители во Струмичко.

Косовските медиуми известуваат дека локалните земјоделци ја злоупотребуваат заштитната мерка така што ги зголемуваат цените на овошјето и зеленчукот. Ваквата пракса ја потврди и косовското министерство  за трговија кое ги повикало производителите да престанат да ги оштетуваат потрошувачите инаку заштитната мерка ќе биде повлечена. Во обид да го предомислат Косово а со тоа да се намалат штетите врз домашното производство, Македонските власти побараа помош од ЦЕФТА и од ЕУ , директни разговори имаше и меѓу министрите за надворешни работи а без резултати заврши и состанокот на министрите од 4 земји од регионот што се  одржа во Белград. Пред една недела Приштина го ослободи увозот на 13 видови овошје и зеленчук, но повисока царина се уште се плаќа за 7 производи меѓу кои за доматот, пиперката и грозјето кои се клучни за македонскиот извоз.

Виолета З Стојановска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ