ДИК верува дека успешно ќе го организира референдумот

Членовите на ДИК се потпишаа дека функцијата ќе ја извршуваат одговорно почитувајќи ги уставот и законите. Претседателот на комисијата Оливер Дерковски е убеден дека успешно ќе одговорат на сите предизвици околу организацијата на референдумот. Конститутивната седница ќе ја одржат откако Собранието ќе го распише референдумот. Не сакаше да ги коментира изјавите на партиите и експертите околу колизијата на Законот за референдум со Изборниот Законик и низата правни празнини кои различно се толкуваат.

ДИК треба со подзаконски акти да регулира како ќе се води кампањата , кои институции  и на чиј трошок  затоа што одредбите од Изборниот Законик не се применливи за референдум. Да се регулира како партиите ќе учествуваат во јавната пропаганда, да се земат предвид изјавите на меѓународните претставници и на религиозните заедници.

ДИК ќе треба да ги одреди и правата и обврските на непартиските изборни набљудувачи и колку членови ќе имаат избирачките одбори затоа што во нив не смеат да членуваат партиски членови. Политичките партии признаваат дека ќе се соочат со проблеми оклу спроведувањето на референдумот поради законската неусогласеност, а излезот од целата ситуација го гледаат во највиското изборно тело кое мора да изнајде начин за разјаснување на сите дилеми.

Јулијана Пешевска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ