Јанушев: ВМРО-ДПМНЕ е против двосмислено референдумско прашање

Игор Јанушев, генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, денеска истакна дека опозициската партија е против начинот на кој СДСМ сака да го формулира референдумското прашање кое засега гласи – „Дали сте за членство во НАТО и ЕУ со прифаќање на договорот за името со Грција“.

„Продолжува самоволието на парламентарното мнозинство и тоа за најважното прашање, за референдумот за договорот со Грција. Свесни дека договорот е на штета на граѓаните сакаат да протуркаат прашање кое е двосмислено. Ја нарушуваат практиката да биде донесено со консензус. Ние нема да бидеме алиби и декор на власта. Прашањето на референдумот мора да биде еднозначно. Прашањето мора да биде прецизно и недвосмислено формирано за да не дојде до забуна, за да биде јасно дека се однесува само на договорот со Грција, што не е поврзано со членството во ЕУ и НАТО што е манипулација. СДСМ сака да ја изигра волјата на народот, нечесно да го протне овој капитулатнски договор со желбата за членство во ЕУ и НАТО која ја имаме сите“ истакна Јанушев пред македонското Собрание.

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат присутни за време на седницата која е предвидена за распишување на референдумот, но ќе се спротистави на носењето на одлуки без консензус. Дополнително партиските органи ќе се сретна неделава за одлучат како понатаму ќе делуваат по прашањето на референдумот.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ