Вести Се наговестува референдумски хаос
Пратеничката група на СДСМ ќе го поднесе предлогот за распишување на референдум. Очекуваат потписи од 72 пратеници. Оптимисти се дека разговорите кои се водат меѓу Премиерот Заев и Лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски околу дефинирањето на референдумското прашање ќе вродат со плод и Собранието со консензус ќе ја донесе одлуката, но доколку тоа не се случи подготвени се сами да тргнат во кампања. Високи партиски извори од ВМРО ДПМНЕ велат дека тие се за одржување референдум но не се согласуваат со содржината на прашањето кое е предложено а за кое граѓаните треба да се произјаснат. Но велат,на крајот се е можно и не ја исклучуваат можнота двајцата лидери на најголемите партии да најдат компромис. Детали од разговорите не сакаа да соопштат ниту на денешната прес конференција.
Одлуката за референдумот Собранието треба да ја донесе со мнозинство гласови а во неа мора да биде наведен датумот на негово одржување, да се прецизира прашањето за кое ќе се изјаснуваат граѓаните, како и да се утврди правната природа на одлуката, дали ќе биде императивна или советодавна.Но веднаш потоа сите ќе се соочат со референдумскиот хаос и бројните дилеми поради колизијата на Законот за референдум со Изборниот Законик. Трошоците околу распишувањето и организацијата на референдумот ќе се покријат од Буџетот но кој ќе ја води кампањата, на чиј трошок, што со оние кои ќе сакаат да организираат контра кампања, дали таа ќе биде забранета ? Во законот за референдум стои дека јавната пропаганда ја води овластениот предлагач. Како ќе се постапи сега? Поранешниот Претседател на ДИК Александар Новаковски вели дека потребна е итна интервенција од ДИК , час поскоро да донесе подзаконски акти со кои ќе ги разјасни сите нелогичности.
ДИК ќе треба да ја одреди и улогата на Собранието, правата и обврските на непартиските изборни набљудувачи и колку членови ќе имаат избирачките одбори затоа што во нив не смеат да членуваат партиски членови. Политичките партии признаваат дека ќе се соочат со проблеми околу спроведувањето на референдумот поради правните празнини и законската неусогласеност а излезот го гледаат во ДИК која мора да изнајде начин и толкување за сите нелогичности.
Јулијана Лефковска



