Вести Коњаниците од Општина Аеродром тргнаа кон Мечкин Камен
Дваесетина коњаници вчера од општина Аеродром тргнаа кон Крушево, каде што треба да се приклучат на прославата на најголемиот македонски национален празник – Илинден.
Градоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин, во паркот „Јане Сандански“ на коњаниците им го предаде општинското знаме, со што официјално стартуваше 40-от традиционален коњички марш што го организира Здружението на граѓани од Горно Лисиче „Илинденски марш 1978“.
„Задоволство ми е што оваа година имаме можност да го поддржиме јубилејниот 40-ти коњички марш, организиран по повод најголемиот македонски национален празник – Илинден. Денеска ги испративме коњаниците на патот кон Крушево, а тие со себе ќе го носат и знамето на Општина Аеродром. Илинденското востание го означува почетокот на нова фаза во развојот на македонското ослободително движење и има посебно значење во историјата на македонскиот народ“, изјави Марин.



