Законските измени за финансирање на партиите оставаат простор за корупција?

Измените на Законот за финансирање на политичките партии и на Изборниот законик кои беа договорени зад очите на јавноста и не беа објавени се до нивното експресно гласање во Парламентот, предизвиикаа лавина на реакции. Со измените партиите добиваат повеќе пари од Буџетот, се легализираат земјишта како сопственост на партија, рекламирањето во медиумите ќе се плаќа со државни пари а клучно е што недостасуваат контролни механизми. Власта тврди дека на овој начин ќе се намали можноста за корупција но Марко Трошановски од Институтот за демократија ,смета дека законските измени не смеело да се донесат без контролните механизми

Околу земјиштето кое партиите смеат да го поседуваат со законските измени, Трошановски смета дека мора да биде прецизно наведено за какво станува збор со оглед дека дел од партиите поседуваат и земјоделско земјиште.

Околу измените во изборниот законик со кои се предвидува државата да го плаќа рекламирањето на партиите во медиумите  се огласија медиумските здруженија. Сметаат дека измените се донесени нетранспарентно, со партиски консензус и зад затворени врати и директно ја загрозуваат работата на медиумите во време на предизборна кампања.

Ставот што им беше познат на партиите е да се укине платеното политичкото рекламирање за време на изборни кампањи во приватните медиуми, а измените во Изборниот законик не само што го озаконуваат истото, туку и овозможуваат тоа да биде направено со јавни пари од граѓаните. Како посебно проблематична измена на Изборниот законик е  тоа што на учесниците во изборниот процес им се наложува да достават медиа планови за политичко рекламирање кое потоа ќе биде платено од Буџетот на РМ на приватните медиуми. Ова претставува упад во независноста на уредувачката политика и програмските содржини на медиумите во време на предизборна кампања, бидејќи им се наметнува програмска шема од страна на политичките партии.

Директорот на Агенцијата за медиуми Зоран Трајчевски смета дека со овие измени партиите директно се мешаат во уредувачката политика на медиумите и се доведуваат во клиентелистички однос.

Потпретседателот на СДСМ, Дамјан Манчевски, смета дека зконските измени требало да бидат доснесени во пакт со контролните механизмни но тоа не се случило поради актелната состојба и инсистирањето на опозицијата а се со цел да се одблокира процесот. Манчевски нагласува дека во вкупната сума со која ќе се финансираат партиите од Буџетот, околу 5 милиони евра, се вкалкулирани и средставата наменети за рекламирањето во медиумите и дека не претставува дополнителен трошок.

Огнен Чанчаревиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ