
Комисијата за надворешна политика заглавена во класифицираните документи
Претседателот на Собранието нема да ги достави до пратениците записниците од средбите за името, одржани во јануари и мај кај претседателот Иванов. Материјалите денеска ги побараа неколкумина опозициски пратеници, со образложение дека треба да се види дали министерот Димитров едно зборувал на лидерските средби, а сосема поинаку постапил подоцна со Договорот за името. Поради овие записници, испратени од Кабинетот на Иванов, на барање на претседателот на Комисијата за европски прашања,Антонио Милошоски, два дена е заглавена работата на оваа седница. Милошоски инсистира тие да се разгледуваат, но од Кабинетот на Џафери му укажаа на дека немал право ниту да бара такви документи од Претседателот, затоа што му е истечен безбедносниот сертификат.
Од Кабинетот тврдат и дека, Милошоски ги добил материјалите на недозволив и заобиколен пат, лично, а не преку архива, како што е според законот, дека првин се отворени, па дури по неколку дена процесуирани од други лица во Собранието. Милошоски, пак, го тврди спротивното.Вели дека, кога стигнале материјалите, без да има увид во нив, побарал да се умножат за да им се дадат на пратениците кои имаат сертификат. Копиите биле подготвени, но Џафери спречил да се достават. Вели дека, доколку ги добијат, тој нема да ја води седницата, туку неговиот заменик кој има сертификат и дека материјалите ќе се разгледуваат на затворена седница, само од тие пратеници кои исто така поседуваат сертификати. Таква била постапката кога се разгледувале записниците од средбите за договорот со Бугарија, па забраната сега да се случи истото, му буди сомнеж дека некој сака да сокрие нешто.
Министерот Димитров, кој на седницата требаше да зборува за остварувањата во меѓународната политика, го обвини Милошоски за саботажа.
Пратениците од владејачките партии и вчера и денеска му најавија кривични пријави на Милошоски, но тој ја одложи седницата за понеделник, со инсистирање материјалите сепак да се разгледуваат.
Далиборка Дамјанска Цветановска