Пристигна првиот тим на НАТО во Македонија

НАТО го испрати првиот тим во Македонија,  со што и официјално почна скринингот што е дел од процесот на  претпристапни преговори.  По првата средба со националниот координатор,  Директорот на тимот, Џејмс МекКи, изјави дека на Македонија ќе и требаат најмалку 18 месеци за да стане членка на НАТО. Досегашното искуство од проширувањето, вели, покажува дека ова е периодот што е потребен да завршат внатрешните процедури и  одлуката да биде одобрена во парламентите на 29-те земји членки и покрај тоа што,  Македонија, која веќе долг период е дел од акцискиот план на Алијансата за проширување, е подготвена.

Националниот координатор за НАТО, Стево Пендаровски е задоволен од тоа што Алијансата за брзо време испрати делегација за отпочнување на пристапните преговори. Се разговара за различни прашања поврзани со пристапниот процес,но не и за политичките процеси поврзани со договорот од Преспа, кои се домашна задача.

Делегацијата, предводена од МекКи, се сретна и со  премиерот Зоран Заев, со министрите, за внатрешни работи, за надворешни и за одбрана  и со нивните тимови. Македонија ја доби поканата за почеток на претпристапните преговори, на неодамнешниот самит во Брисел. Главниот услов е спроведување на договорот од Преспа, но потребно е и сите национални процедури да бидат навреме завршени. На крај следи ратификацијата од сите земји членки на НАТО, по што Македониај ќе може да стане 30-та земја членка на НАТО.

 

Далиборка Дамјанска Цветановска

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ