
Утре – решение за Косовското ембарго?
Земјоделците и трговците го очекуваат исходот од состанокот на министрите за трговија и за земјоделство на Македонија, Србија, БИХ и Црна Гора кој е закажан за утре во Белград, дали ќе се најде заедничко решение и ќе се воведат контра мерки или засилениот притисок од ЦЕФТА и ЕУ ќе го натера Косово да ја укине мерката за зголемени царини. Чекањето соодветен одговор на спуштената рампа за македонските производи,ги зголеми штетите на земјоделците а извозот е сведен на минимум.
Од 19 јули кога стапи на сила мерката за 30 % поголеми царини границата кон Косово ја поминале вкупно 10 камиони.Катастрофалните последици врз економијата и земјоделието трговците ги илустрираат со бројки,од 50 000 ден.на ден, сега прометот им е е паднат на 10 000 ден.
„Оваа слива само денеска стои, еве што бива со робата во Македонија.Нашата влада многу слабо реагира. Требаше контра мерки, визи, а ние може и да ја блокираме границата“, кажа Трговец на Кванташки пазар.
Стопанските комори вчера побараа наместо тактизирање и одолговлекување, мерката итно да се повлече бидејки штетите достигаат 3 милиони евра. Министерот за земјоделие Љупчо Николовски очекува Приштина да ја преиспита својата одлука и уште денеска да ја повлече спорната мерка. Доколку тоа не се случи, а на утрешниот состанок не се најде решение, ќе има мерки со кои ќе се намалат штетите што овие 6 дена ги трпат на земјоделците
„Дали преку интервентни мерки во делот на предавање на производите за преработка, мерки кои се постоечки или во поглед на субвенции по површина, но за тоа треба параметри кои производи беа загрозени“, кажа Љупчо Николовски, министер за земјоделие.
Србија вчера најави контра мерки и побара Косово да излезе од ЦЕФТА бидејќи одлуката за 30 % повисоки царини е спротивна на потпишаните меѓународни трговски договори.
Виолета З Стојановска