
Фондот за иновации ќе истражува дали и други фирми имаат државници или нивни блиски како сопственици
По скандалот со државни пари за фирми на високи владејачки функционери, Фондот за иновации ќе истражува дали и други фирми на кои им се одобрени проекти имаат државници или нивни блиски како сопственици. По ова комисиите одново ќе ги оценуваат проектите.
Од сите функционери само директорот на фондот потпишал изјава дека негови или фирми на неговите блиски нема да учествуваат на конкурсот за државна помош. Откако пукна скандалот со доделувањето на државни пари за фирми на високи функционери, бара сите фирми добитнички да се изјаснат дали како сопственик имаат некое именувано лице. По ова комисиите одново ќе ги оценуваат проектите, а тој повика да бидат дисквалификувани оние кои имаат потенцијален конфликт на интереси.
До сега во критериумите не постоеше забрана за учество на фирми на именувани лица. Тие биле создадени по урнек на Светска банка, а директорот вели дека се работи за светски искуства. Тој и комисиите пак пред себе ги имале и сопственичките структури, но се до притисокот на јавноста не виделе ништо спорно во ова. Не сакаше да коментира дали за него ова е конфликт на интереси.
На 79 фирми им се одобрени пари од државата како помош за инвестиции. Меѓу нив е фирмата на вицепремиерот Кочо Анѓушев, и на пратеникот на СДСМ хари Локвенец. Тие најавија дека ќе се повлечат но сега фондот сепак ќе ги истражува останатите фирми. Незаконитости истражува и обвинителството. Од фондот најавија дека во следниот повик за учество на конкурс како услов ќе биде забрана за учество на функционери.
Билјана Николовска