
Собранискиот дебакл со различни толкувања
Барање за амнестија, технички усогласувања или едноставно недоразбирање? Власта и опозицијата повторно различно ги толкуваат причините за синоќешниот дебакл во Собранието, откако и по тринаесет и пол часа чекање, седницата за избор на членови на ДИК, не се одржа. Министерот Дамјан Манчевски, кој е член на работните групи што работат на законите, тврди дека опозицијата барала и бришење на членот 165 од Кривичниот законик, кој се однесува на изборни измами, но не сакаше да навлегува во детали.
Од ВМРО ДПМНЕ на обвинувањата одговорија со обвинувања.
Различни информации стигнуваат и од другите партии. Од ДУИ тврдат дека законите за Влада и за финансирање на партиите се веќе потпишани од партиските координатори. Други тврдат дека е договорено само финансирањето, трети дека е договорена само техничката влада. Во целиот хаос се вмеша и Зијадин Села од Алијанса за Албанците кој смета дека во ДИК треба да членува претставник од неговата партија. Најави и амандмани штом се отвори Уставот, со кои ќе бара во преамбулата сите народи да бидат еднакви, а албанскиот јазик да се најде во делот на службените јазици.
И покрај се, од Собранието стигна и оптимистичка најава дека седница ќе биде закажана во сабота на пладне, на која, ако се постигне согласност за спорните закони и за ДИК, ќе се распише и референдум, кој во тој случај би се одржал најрано на 30-ти септември.
Далиборка Демјанска