Од ВМРО-ДПМНЕ само обвинувања, нема објаснување за повлечениот договор

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение ја обвини власта за обид за изигрување на волјата на граѓаните, но воопшто не наведе која е причината поради која доцна вечерта не се исполни дел од договореното на лидерската средба за избор на ДИК во Собранието, како и почнување на процедурите за законите за Влада и финансирање на политичките партии, без оглед што Мицкоски не даде конечен одговор за референдумското прашање.

„Насилството кое се обидуваат да го спроведат Заев и неговата камарила не соодствествуваат со европските демократски процеси.

ВМРО-ДПМНЕ како одговорна опозиција застана зад реформските процеси и како секогаш даде најголем продонес во процесите кон евроатланските интеграции. СДСМ го прекршија зборот, го истрошија времето на граѓаните и сега повторно се преговара за истите работи договорени во март годинава.

За разлика од СДСМ и нивниот лидер, ВМРО-ДПМНЕ останува на зборот и на тоа што значи одбрана на највисоките национални и државни интереси. За ВМРО-ДПМНЕ изборот е ЕУ и НАТО, но и одбрана на националните и државни интереси. ВМРО-ДПМНЕ и натаму ќе остане на страната на демократијата и ќе се бори да не биде изиграна вистинската волја на граѓаните со изигрување на гласачкиот процес или доведување на граѓаните во заблуда со двосмислени прашања. Затоа и ВМРО-ДПМНЕ бараше еднакви можности за фер и демократска атмосфера за следните парламентарни избори“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Дополнително ВМРО-ДПМНЕ ја обвини власта за наместени тендери и смета дека постигната спогодба со Грција е штетна за македонските национални интереси. Од друга страна, пак премиерот Заев по лидерските средби посочи дека Мицкоски го интересирало само амнестија за членовите на опозициската партија, а не државните интереси со интеграцијата во ЕУ и НАТО.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ