Сите чекаат некој да го реши проблемот со Косовските царини

Сите се залагаат за решавање на проблемот со зголемените царини што го наметна Косово, но никој не дава конкретно решение. Додека се чека исход од преговорите и средбата што е закажана за среда во Белград, земјоделците се принудени да го фрлаат родот. Утринава Косовската граница ја минале едвај 4 камиони, а останатото овошје и зеленчук заврши на Кванташки пазар по багателна цена, 4 денари за килограм краставица, 6 денари за доматот, еден денар за лубеницата. Стопанските комори бараат итно повлекување на мерката која им штети на извозниците.

„Проблемот е што концептот на нашето субвенционирање не е наоѓање на пазар. Од една страна даваме субвенции, а од друга не гарантираме пазар. Владата итно да најде решение, а не да чека, зошто дневно 4-5 камиони скапуваат“, кажа Милаим Амети од  Комората на северозападна Македонија

„Стопанската комора на Македонија, очекува ЦЕФТА во најкус можен рок да изнајде решение за овој проблем, без одолговлекување. Станува збор за лесно расиплива роба и секој ден одлагање значи голема штета на извозниците на земјоделски производи кои имаат веќе склучени договори  со своите партнери“, соопшти Стопанската Комора на Македонија.

Од Министерството за земјоделие повторуваат дека се уште преговараат со Косовската страна. Иако денеска е 6 –тиот ден откако е спуштена косовската рампа за нашето овошје, зеленчук и пченка, никој не зборува за итна заштита на домашното производство.

„Владата прави се за да не дојде во ситуација да воведуваме контра – мерки како одговор на постапката на Косово. Очекуваме, Владата на Косово да ја повлече донесената мерка со што ќе го надминеме спорот“, соопштија од Министерството за земјоделие.

Српските власти веќе отворено бараат Косово да излезе од ЦЕФТА договорот. Од таму не очекуваат Приштина да ја повлече вонцаринската бариера која важи за сите земји.

„Ќе се обидеме да дојдеме до заеднички мерки што ќе можеме да ги примениме. Заеднички ќе се обратиме до ЕК, која молчи за ова што се случува, и ќе бараме реакција. Ќе ја испочитуваме процедурата и ќе се обратиме и до секретаријатот на ЦЕФТА од кого не очекуваме многу“, кажа Расим Љајиќ министер за трговија на Србија.

Македонската влада во петокот побара помош од ЦЕФТА и од ЕУ, а никакво поместување не беше постигнато ниту на средбата помеѓу министрите за надворешни работи Димитров и Пацоли. Косово ја донесе времената мерка на 18 јули и спротивно на сите меѓународни договори за својата намера не ги извести членките на ЦЕФТА.

Виолета З Стојановска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ