Филипче експресно го поништи спорниот тендер од 35 милиони евра

Тендерот од 36 милиони евра е поништен, откако експресната евалуација на единствената понуда на компанијата Абот открила недостатоци, ова на утринска прес конференција го кажа министерот за здравство Венко Филипче. Претходно цел викенд јавноста критикуваше дека како подизведувач се појавува штотуку формирана фирма, а опозицијата бараше оставка и набавката на биохемиски реагенси ја прогласи за најголем скандал во македонското здравство. Филипче денеска тврди дека одлуката за прекинување на тендерот не е донесена ниту под политички ниту под фармацевтски бизнис притисоци.

По пресот од од ВМРО ДПМНЕ повторно побараа и оставка и истрага.

На тендерот за централизирана набавка на биохемиски реагенси и апарати за анализа се пријави само Абот од Германија, која е претставник на истоимената американска компанија. Како подизведувач на тендерот е наведена фирмата АХр Лаб, која е основана пред 4 месеци на адреса на која се наоѓаат 8 познати скопски адвокати.

Токму профилот на фирмата Ахр беше на удар на најголемите сомнежи за тендерот. Филипче смета дека за набавки на реагенси и  анализи, државата плаќа премногу и дека со централизирана набавка ќе се намалат трошоците, а ќе се подобри услугата за пациентите. Годишно за таа ставка се трошат по околу 12 милиони евра, а може да се заштедат и 2 и пол милиони евра, тврди Филипче иако не е е направена соодветна анализа.

Од друга страна новиот концепт беше критикуван затоа што анализите ќе се прават во само 12 лаборатории и тоа ќе доведе до поспори анализи на пациентите, важни за нивното лекување. Филипче и покрај неуспехот не се откажува од новиот концепт, но сега вели со искуство ќе се бира како да се смени начинот на скапите набавки на реагенси кои засега продолжуваат по старо.

Миомир Серафиновиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ