
Се бара оставка за Филипче, тој вели мора да се заштеди
Абот- Германија е единствениот понудувач за 36 милиони евра вредниот тендер на Министерството за здравство. Тоа го потврди и министерот Филипче, кој денеска не знаеше ништо за фирмата АХР Лаб, подизведувач во понудата, фирма која е формирана пред 4 месеци.
Филипче тврди дека главната цел на набавката е заштеда и дека со спецификацијата во тендерот не се фаворизирала само една фирма. Иако не е извршена анализа на трошоци, министерот смета дека ќе се зштеди до 2 и пол милиони евра годишно. Дали тендерот ќе помине или ќе биде поништен ќе се знае до крајот на оваа недела по евалуацијата на понудата.
Но на тендерот има и приговори, 4 компании поднеле приговори незадоволни од спецификацијата на тендерот поради што не можеле да конкурираат иако порано вршеле набавки на реагенси за македонското здравство. За опозицијата овој тендер е скандалозен, а оставка од Филипче, бараат и Алијансата на Албанците и ВМРО-ДПМНЕ. Неспособност, и скандалозно трошење на сметка на здравјето на граѓаните се партиските обвинувања кон Филипче.
ВМРО-ДПМНЕ по пресот реагираше и побара обвинителството да отвори истрага за тендерот. Сметаат дека министерот и СДСМ наместо да се грижат за здравјето на граѓаните се грижат за бизнис интереси на свои блиски. Со тендерот процесот на биохемиски анализи треба да се централизира во 12 лаборатории, со што граѓаните од помалите градови ќе добијат поспори тестирања. Од друга страна наместо самите болници и здравствени институции да набавуваат реагенси, сега таа набавка ја презема министерството. Тендерот што поради тоа беше распишан е оценет како скндалозен откако беше откриено дека на него како подизведувач е пријавена новоформирана Ахр лаб регистрирана на адреса на повеќе познати скопски адвокати. Управителот на фирмата, Александар Јовановски вчера за Телма изјави дека Ахр лаб само ќе врши транспорт на примероци за анализа.
Миомир Серафиновиќ