
Лидерите без договор, следи трета средба
Втората лидерска средба заврши со договор за трета викендов, најдоцна во понеделник. Така барем тврдат лидерите, кои и по денешната, четиричасовна средба, не открија повеќе детали од разговорите.
Премиерот повтори дека нема да има компромиси за стратешките цели, ниту,пак, амнестија.Не одговори на прашањето дали амнестијата била клучен услов на опозицијата за опозицијата да прифати формирање на Државната изборна комисија. Рече дека се` ќе биде соопштено по завршувањето на средбите. На истото прашање, претседателот на ВМРО ДПМНЕ, пак, одговори дека станува збор за манипулација со јавноста, со цел да се сврти вниманието од клучните теми. И тој не сакаше да зборува за детали.
На прашањето, дали за ВМРО ДПМНЕ е прифатливо референдумот да биде консултативен, а референдумското прашање да биде „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на договорот меѓу Македонија и Грција„, како што најави синоќа премиерот, Мицкоски рече дека се` уште не стигнале до тие теми. Најави дека за тоа вечерва ќе се дискутира и на седниците на Извршниот и Централниот комитет на партијата.
Далиборка Дамјанска Цветановска