
Почна лидерската средба во Клубот на пратеници
По 15-тина часа од завршувањето на лидерската средба во проширен партиско-пратнички состав, предмалку во Клубот на пратениците почна новата рунда разговори, овојпат само меѓу лидерите на СДСМ, ДУИ, ВМРО-ДПМНЕ и едно од крилата на Беса, Зоран Заев, Али Ахмети, Христијан Мицкоски и Билал Касами. Ваквиот формат на лидерската средба синоќа го побара Мицковски, по напуштањето на состанокот.
Се очекува и денеска партиските лидери да дискутираат за составот на ДИК и претстојниот есенски референдум за името, посебно за формулацијата на референдумското прашање.
На средбата во Клубот на пратеници Заев е придружуван од вицепремиерката Радмила Шекеринска, Мицкоски е со професорката Тања Каракамишева, Али Ахмети е со вицепремиерот Бујар Османи, додека Касами е придружуван од Кастриот Хаџиреџа.
На партиите на Албанците од опозиција им било оставено сами да се договорот кој ќе ги претставува на денешниот состанок.
Премиерот Заев по синоќешната лидерска средба соопшти дека референдумското прашање би можело да биде: Дали сте за членство во ЕУ и во НАТО со прифаќање на Договорот меѓу Република Македонија и Република Грција? и оти претстојниот референдум потребно е да биде консултативен.
Тој изрази разочарување што лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ја напушти средбата само еден час по почетокот велејќи дека тоа е несериозно, неодговорно и навредливо кон претставниците на сите политички партии кои беа на разговорите и кон граѓаните.
– Како процес вечерва разговарав со лидерите на политичките партии и ги информирав за можната формулација на референдумското прашање кое би се движело во следата насока – Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот меѓу РМ и Република Грција, изјави Заев.
Појасни дека е разговарано и за членот 27 од Законот за референдум, според кој во услови кога Собранието треба допрва да донесе некоја исклучителна важна одлука за иднината, потребно е референдумот да биде консултативен.
Одлуката, додаде Заев, се смета за конечна, доколку на референдумот излезат најмалку 50 проценти од вкупниот број на запишани избирачи во Избирачкиот список.