
Изгласана потребата од измени на изборен законик за ДИК
Половина час по заминувањето на Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан од Законодавниот дом, пратениците ги добија предлог измените на Изборниот законик со кој изборот на членови на ДИК ќе се врши со 61 пратеник а не како досега со 81. Законот по скратена постапка и со европско знаменце веднаш влезе во собраниска процедура и беше изгласана потребата од негово носење со 62 гласови ЗА. ВМРО ДПМНЕ не присуствуваше на гласањето. Ваквиот потег на Владата го оценија како скандалозен затоа што никогаш досега измени на изборен законик не се вршеле без консултација на опозицијата.
За СДСМ ова е единствен начин да се деблокира процесот на избор на ДИК.
Илија Димовски побара процедурална интервенција, но не му беше дозволено затоа што не бил координатор на пратеничка група. Побара да се укине Собранието, да гласаат само Талат Џафери и Артан Груби.
На гласањето не присуствуваа ниту пратениците од Беса, ниту од крилото на Касами.
Со измените на законот се укинува предлог листата со канидати за ДИК да се разгледува на Комисијата за избори и именувања со која раководи Илија Димовски. Таа надлежност и се доверува на Комисијата за европски прашања со која претседава Артан Груби.
Листата со кандидати, Претседатаелот на Парламентот, Талат Џафери ја доставува до политичките партии кои имаат рок од три дена да го информираат за своите предлози по што се пристапува кон гласање во Собранието.
Јулијана Лефковска