
Во МВР молк за откритијата дека бизнисменот Савиди платил 300 илјади евра за крвави инциденти во Скопје, како што објави новинарската мрежа ОЦЦРП
Од полицијата молк за сомнежите за потплатени насилни инциденти од руско-грчки бизнисмени, во финансиската полиција нема никаква истрага ниту известување за трансакции кон државата, додека директорот на финансиско разузнавање е на одмор и оттаму нема информации. Во МВР молк и за истражувањето на меѓународната истражувачка мрежа дека со увид во документи на МВР е утврдено дека осомничен за потплаќање на насилни инцидент во Македонија е Иван Савиди, руски Грк кој поседува фудбалски клуб, 15 проценти од солунското пристаниште, хотел во Солун и два медиуми.
Министерот Оливер Спасовски во телефонски разговор не сакаше да коментира ниту за содржината на објавените документи на МВР, ниту за текот на истрагата.
Според податоците кои ги објави мрежата, а кои се документи на македонското МВР, околу 300 илјади евра биле уплатени или во кеш или преку сметка на противници на преименувањето на државата и членството во НАТО. Парите се од бизнисменот Савиди, објави новинарската мрежа ОЦЦРП. Но бизнисменот кој е поддржувач на Путин, како и близок на грчкиот министер за одбрана Панос Каменос преку своите фирми негираше своја вмешаност во случувањата во Македонија и најави тужби за клевети против новинарите кои ја открија приказната.
Руската сенка над Македонија ја објави премиерот Заев во интервју за Базфид завчера во кое тврди дека бизнисмен кого не го именуваше плаќал меѓу 13 илјади и 21 илјада евра за учество во инцидентите. Потоа Заев кажа дека неколку момчиња од комитите кои биле приведени по насилсните демонстрации на 17-ти јуни спомнале руски бизнимен кој делел пари. Денеска пред еврокомесарот Јоханес Хан, Заев истакна дека Македонија патот ја води на запад и не сподели нови детали од истрагата.
Руската амбасада во Скопје соопшти дека Заев со русофобија се обидува да ќари политички поени и на надворешен и на внатрешен план. Посочениот Иван Савиди, е роден во Грузија, бил пратеник во руската дума од партијата Единствена Русија на Путин, со рускиот претседател постојано си разменуваат честитки, бизнисмен во прехранбената индустрија, проценет дека вреди речиси две милијарди долари. На неговиот сајт стои дека во мај се сретнал и со вселенскиот патријарх во Истанбул. Савиди, светска слава стекна со упадот на стадион во Солун со пиштол на пасот додека играше неговиот тим ПАОК. Бил близок со грчката влада, наречен и тројански коњ, но по сериозните обвинувања кои сега се истражуваат, врските со лидерот на Независни Грци Панос Каменос забрзано се кинат. Истрагите допрва ќе утврдуваат на кој начин е поврзан со инцидентите против преспанскиот договор.
Миомир Серафиновиќ