
Кривична за 17-годишната мајка која го остави бебето пред Домот за доенчиња во Битола
Полицијата до Основното јавно обвинителство Битола поднесе кривична пријава против 17 годишната жителка од тетовско Желино која на почетокот од месецов го остави нејзиното новороденче пред домот за доенчиња во Битола.
Кривични пријави заработија невенчаниот сопруг на родилката и нејзиниот татко. Полицијата информираат дека од нивна страна целосно го расчистиле случајот и работата ја презема обвинителството и останатите судски органи.
-Поради основи на сомнение дека сторилa кривично дело „напуштање немоќно дете“ до Основното јавно обвинителство Битола поднесена е кривична пријава против 17-годишната мајка од Желино.Поради основи на сомнение дека сторил кривично дело „вонбрачен живот со малолетно лице“ до Основното јавно обвинителство Тетово пријавен е 27-годишниот Ш.А. од тетовското село Долна Лешница, а за истото дело се сомничи и 38-годишниот Б.А. од тетовско Желино, кој и допуштил, односно и дозволил на малолетничката да живее во вонбрачна заедница со друго лице, изјави Марјан Јосифоски портпарол на СВР Тетово.
Од Центарот за социјални работи Тетово, со жалење ја примија информацијата за кривичното гонење на родилката. Велат дека постапката за враќање на бебето кај мајката бил при крај, но кривичната пријава го усложнува и доведува до прашање целиот овој процес на ресоцијализација, на кој напорно работиме и ние и Министерството за труд и социјална политика, велат оттаму
–Мајката е во нејзиниот дом во тетовско Желино, но таа секојдневно доаѓа тука во центарот и водиме разговори со неа. Таа сака да се врати бебето кај неа кое е сега згрижено во домот за доенчиња во Битола и наша цел е токму тоа да се врати бебето кај мајката. Направивме ДНК анализа на бебето и мајката и целиот процес беше при крај. Но, сега кривичната пријава ќе ја проблематизира постапката. Враќање на бебето кај родилката нема да зависи само од нашата одлука, туку за тоа ќе треба да дадат зелено светло и јавното обвинителство и судските институции, информираа од Центарот за социјални работи Тетово.
Невладините организации во неколку наврати апелираа инстиуциите во целиот случај поголем приоритет да му дадат на ресоцијализацијата на родилката, отколку на нејзиното кривично гонење. Од Меѓаши истакнаа дека мајката во никој случај не сакала да му наштети на бебето, затоа и го оставила во дом за доенчиња.
Мајката го остави бебето пред Домот за доенчиња во Битола на 2 јули некаде по полноќ. Случајот ги пријавил случаен минувач, Детето веднаш било згрижено во домот.
Полицијата преку сината штипка на папочната врвка и алката со бројче на бебето, откри дека дека тое е родено во тетовската болница и и припаѓа на 17 годишна жителка на тетовско Желино, која е мајка на уште едно дете.
Зоран Димовски