
Работодавците не ги почитуваат правата на бремените жени
Трудниците не се распоредени на соодветни работни позиции. Се плашат да кажат, стравувајќи за својата работа. Поради тоа, гинеколозите се приморани да им отвараат патолошка бременост. Иако работодавачите знаат како треба да се однесуваат со своите работници, наоѓаат начин да ги заобиколат законите.
Министерството за труд и социјална политика реагира само по писмена жалба од страна на оние кои чувствуваат дека не им се остварени работничките права. Бремените жени избегнуваат да се пожалат до службите, за прекувремениот труд и несоодветните работни позиции.
„Ако ние не и отвориме патолошка бременост, таа го губи своето работно место, бидејќи работодавецот нема соодветно работно место за нејзината состојба. Јасно дека ние тоа не можеме да го направиме и секој случај завршува како што завршува – со отказ или со продолжување на работа на пациентката во такви услови што најчесто завршува со спонтан абортус или предвремено породување“, вели Душко Филиповски, претседател на здружението на матични гинеколози.
Според докторите, боледување во бременоста може да се констатира само кога постојат јасни показатели од гинеколошко-акушерска природа. Условите на работа како и работно време на бремените жени не го земаат во предвид. Дури и во некои од здравствените установи се случува да бидат прекршени работничките правата на бремените жени.
„Раководител на работна установа од областа на здравството, лекар, не ги почитува овие прописи. Својата бремена вработена ја става на работно место на терен. Од кога јас издадов потврда дека таа жена не може да оди на терен, работодавецот ја префрли на работно место во дежурна ноќна служба што е уште полоша варијанта“, додава Филиповски.
Според податоците на Фондот за здравство, бројот на патолошки бремености од година во година се повеќе се зголемува. Со тоа се зголемуваат и нивните трошоци заради исплаќање на бремените жени. Во 2016 година на 4.440 осигуренички сео исплатени 53.8 милиони денари а во 2017 година на 5.352 осигуренички се исплатени 68.7 милиони денари.
Во првата половина од годинава патолошка бременост е отворена кај 2814 осигуренички, а досега се исплатени повеќе од 38 илјади денари.
Од Министерството за труд и социјала потенцираат дека политиките за заштита на работничките права на трудниците ги креираат според меѓународните примери и искуства.
„Ако работничката врши работа којашто може да влијае штетно на нејзиното здравје или здравјето на детето, работодавачот е должен да и обезбеди вршење на соодветна работа и плата. Работничката не смее да работи прекувремено или да работи ноќе“, соопштија од министерството за труд и социјална политика.
Државниот инспекторат за труд испитува колку работодавачите ги почитуваат Законите за работни односи, преку редовни и вонредни инспекции. Предвидени се казни за газдите кои работеле спротивно од правилата.
Петар Догов