
ВМРО ДПМНЕ останува на барањето за техничка Влада како услов за ДИК
ВМРО-ДПМНЕ останува на барањето за формирање на техничка Влада по модел на онаа од Пржинскиот договор како услов за гласовите на нејзините пратеници за избор на новите членови на ДИК. Ова денеска го соопшти лидерот на партијата, Христијан Мицкоски, од Прилеп одговарајќи на вчерашните обвинувања на премиерот Заев. Тој порача дека преашањето на ДИК не може да се гледа издвоено туку во пакет со останатите закони кои беа договорени пред неколку месеци.
За референдумот Мицкоски изјави дека сите опции остануваат отворени се до моментот кога ќе се распише.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ негираше дека амнестијата за обвинетите во настаните од 27 април е поврзана со ДИК и дека на тој начин се уценува власта, појаснувајќи дека по ова прашање партијата ќе достави закон во Собранието.
Премиерот Зоран Заев, вчера ја обвини опозицијата за несериозно однесување и соопшти дека Законот за финансирање на партиите, кој е еден од условите за формирање на ДИК, е испратен во Собранието но остана на ставот дека не се согласува со формирање на техничка Влада.
Рокот за формирање на новиот состав на ДИК истече на 29 јуни. Огласот за нов состав на ДИК заврши пред две недели, а се пријавија 41 кандидат. Рокот до кога треба Собранието да го избере новиот состав на ДИК е 17-ти јули. Новиот состав ќе има шестмесечен мандат и ќе биде задолжен само за референдумот кој е најавен за крајот на септември или почетокот на октомври годинава.
Огнен Чанчаревиќ