
Закони и казни има, но не и контрола на финансирањето на партиите
Донации од јавни пари, купување на опрема за партиски канцеларии со пари од општините, неправилна распределба на средствата од буџетот. Ова се само дел од злоупотребите околу финансирањето на политичките партии, за кои Транспаренси Интернешнел има поднесено и кривични пријави, но Јавното обвинителство досега не постапило по ниту една од нив. Голем проблем се и донациите од физички лица за партиите, што најчесто е вратата преку која корупцијата влегува во целиот систем.
Експертите укажуваат дека законите се добри, се знае кои се забранети и дозволени начини на финансирање на политичките партии, но проблем е контролата. Системот на контрола е толку расцепкан, што сите институции се надлежни и ниту една не е надлежна за да каже дали имало неправилности и какви се тие. Силни се и одредбите од Кривичниот законик, но никој не постапува по нив. Едно од можните решенија е, партиите целосно да се финансираат од буџетот.
Донациите досега беа пресудни за добивање на функции и тендери. Милионски суми завршуваа во партиските каси, како донатори се јавуваа и државни институции, а отсуството на контола ги претвори партиите во акционерски друштва. Работни групи во Собранието подготвуваат нов закон со кој се предлага целосно финансирање од буџетот и се ограничуваат донациите, но, партиите засега не успеваат да се усогласат околу тоа, кога тој да се донесе. Од ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека, СДСМ намерно го кочат законот затоа што, од позиција на власт, не им одговара да биде донесен. Со него го условуваат и изборот на ДИК, што, пак, за СДСМ е неприфатливо.
Далиборка Дамјанска Цветановска