
Анѓушев се качи на Водно со граѓаните – Може ли да се намали штетата со гасоводот?
– Jа поздравувам иницијативата на невладините организации, тие се коректор на политиките на секоја влада и како такви и денеска се уверивме дека делумно или во најголем дел биле во право во своите барања. Службите во МЕР напорно работеа заедно со невладините организации и мислам дека во најголем дел таа траса се искорегира. Можете да го видите проектот каде што таа претходно била замислена и како сега сите делници каде што може да биде уништена шума се избегнати. Но, и покрај тоа што е направено максимално избегнување каде што може, во еден дел мора да се помине низ шума. Таму ќе се користат шумските патеки кои се веќе постојни, за да се направат минимални оштетувања кои може да настанат. Се надевам дека ќе дојдеме до заеднички јазик како оваа делница да се изгради – рече Анѓушев.
Андреа Јанков од иницијативата „Го сакам Водно” вели дека ова се некои начелни, прелиминарни проекти кои се прават од изведувачите на основниот проект.
– Останува да продискутираме за овие дадени предлози со кои навистина се намалува импактот врз Водно. Од претходните четири километри шумски појас уништување, сега се намалува на два, се јавува теснење односно користење на постоечки патеки. Но, останува да продолжиме со разговорите, за да добиеме адекватно решение со кое сите би биле задоволни – вели Јанков и додава дека нивната работа допрва започнува со будење на граѓанската свест, за да ги натераат граѓаните да учествуваат во овие случувања, за да ги освестат, за тоа што значи Водно за нив.
Во однос на користење на друга траса за изградба на гасоводот и комплетно избегнување на Водно, директорот на МЕР, Реџепи вели дека „ги разгледале опциите и направиле длабока анализа, но биле врзани со рокови.”
– Имаме договори спрема банки и други субјекти, поднесовме анализа до Влада, но ќе имаше одложување на проектот три до четири години минимум. Заради другите обврски што ги имаме Владата одлучи да одиме по постоечката траса – додаде Реџепи.
Тој потсети дека идејниот проект за овој гасовод бил изготвен во 2010 година и дека во 2016 година било дадено одобрението за градба.