
Димитров: Наместо на датум, да се фокусираме да создадеме европска држава
Македонија заслужи чиста покана од ЕУ за почеток на преговори, но земјата ќе го прифати тоа што и е дадено и ќе работи со тоа. Ваква порака од Самитот за Западниот Балкан во Лондон упати македонскиот шеф на дипломатијата, Димитров, за условениот датум за преговори од Унијата, потенцирајќи дела процесот на пристапување мора да биде според индивидуалното постигнување на секоја од земјите, а не тие да се ставаат во група. Сепак Димитров е на став дека поважно од тоа да се има датуми е земјата да се трансформира во европска држава.
„И утре да станеме членка Македонија се уште ќе биде истата земја… И наместо да се фокусираме на датум, да се фокусираме на тоа да ја направиме земјата европска“, рече Никола Димитров, министер за надворешни работи на Македонија.
Димитров обраќајќи се на дебата во рамки на Самитот „ЕУ – Западен Балкан“ во Лондон, рече дека Македонија сега има домашна задача да создаде силни институции и оти не смее повторно враќање на фокусот на Унијата на Балканот да го земе здраво за готово и да си дозволи луксуз да ја испушти шансата која и се дава.
На прашањето за предизвиците од процесот кој и претстои на Македонија за пристапување, вклучително и референдумот и можноста тој да биде неуспешен, Димитров рече дека највисока одговорност на Владата е да се соочи со проблемот и да направи се што е можно тој да се реши и да се создаде можност граѓаните да изберат. Според него шансите се дека граѓаните ќе го поддржат договорот, бидејќи се работи за битка меѓу минатото и иднината, меѓу стравот, виктимизацијата и надежта.
„Ќе го сториме најдоброто и се надевам дека ќе биде доволно. Верувам дека луѓето во Македонија во минатото правеле мудри избори кога се соочувале со вакви историски крстопати. Би било подобро ако имаме опозиција кој повеќе мисли на земјата, отколку на својата политичка иднина. Но можеби сите ќе созрееме во овој процес“, рече Никола Димитров, министер за надворешни работи на Македонија.
Еврокомесарот Јоханес Хан кој учествуваше на истата дебата за референдумот за името рече дека по храбрата одлука за Договорот за името, сега Унијата треба да го поддржи тоа дека е оддржливо.
„Сега треба да направиме се да и помогнеме на земјата да ги убеди граѓаните дека тоа е вистинскиот пат и да ги видат првите резултати и бенефити од таква одлука“, рече Јоханес Хан, еврокомесар за преговори за проширување.
Хан говорејќи за проширувањето на Унијата и пристапниот рпоцес, рече дека кај сите земјите од регионот најголем предизвик е владеењето на правото.
„Целиот регион кога се работи за владеењето на правото е во транзициски период. Многу лидери во регионот разбираат дека мора да се справата со тоа, но се уште се соочуваме со некаква неподготвеност за такво нешто“, рече Јоханес Хан, еврокомесар за преговори за проширување.
Според него друг клучен предизвик за регионот е и постоење на државнички карактер, за да се разбере потребата од промени во општеството и на менталитетот за да се продолжи кон ЕУ.
Тамара Грнчароска