Бајдевски: Нема проблеми со Лика, 950 вработени по Рамковен прифатија прераспределба

Реформите во администрацијата се еден од главните услови кои Европскиот совет ги постави пред Македонската влада за почеток на преговорите за членство во ЕУ во јуни 2019-та. Со години Европската комисија упатува критики за голема партизираност на администрацијата и непрофесионалност. Роковите газат, па мора итно да се преземат сериозни чекори.

Министерството изработи акциски план до 2022 година, а за истиот четиригодишен период ја има и стратегијата за реформа на јавната администрација. На хартија заложбите се во администрацијата да се вработува според заслуги, а не според партиски клуч. Но, во пракса и натаму има ангажирање на партиски кадри, се објавуваат огласи за работа со кратки рокови за пријавување и со услови кои се креирани да одговараат на посакуваниот кандидат од партијата или коалицијата. Само за премиерот Заев се ангажирани 56 советници и соработници.

Бројот на советници во владата во последната година се зголеми . Меѓу новите административци е и Љубе Бошкоски кој треба да лови странски инвеститори.

И покрај обвинувањата дека вицепремиерот Хазби Лика два месеца не доаѓал на работа, заменик министерот Бајдевски тврди дека нема пречки во распределувањето на административците вработени според Рамковен. Прв пат решението за околу 1000 вработени кои со година земаа плата од државниот буџет, а не одат на работа, беше најавено уште во март.

„Нема проблеми со Хазби Лика, вицепремиерот си ги завршува работните задачи, имаме добра комуникација, околу 950 прифатиле прераспределување, институциите забрзано да работат и да ги преземат, огромен проблем од минатото кој се нафативме да го решиме“, вели Бајдевски.

Освен намалување на политичките и партиските притисоци, во реформската стратегија е предвидено и зголемување на одговорноста на раководителите и менаџерите во администрацијата и повисоки услови за образование и квалификации.

Христијан Станоевиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ