Не се знае чија жртва е претепаното бебе, институциите молчат

Ова е лулашката на 14 месечното бебе кое беше донесено на клинички претепано. Последен пат ја користело пред неполн месец, од кога на мајката Клаудија заедно со нејзиното девојче им се губи трагата. Бабата и дедото на нејзиниот невенчан сопруг пред камерата на Телма сведочат дека таа неколку недели не се вратила во куќата во скопската населба Лисиче.

Информациите до кои дојде Телма се дека претепаното дете в болница го однел пријател на таткото. Оваа информација ја знаат и роднините, ја кажале и на полицијата, но тврдат дека немале контакт со него.

Од МВР за случајот молчат. Не откриваат дали човекот кој го однел девојчето в болница открил како ги пронашол жената и детето и дали ја знае трагата каде тие се движеле во последните денови.

Молчат социјалните служби. Според информациите на Телма мајката била дете без родители, сега има дваесет години но излезена е од домот пред неколку години. Инсистирала да живее со нејзиниот сопруг кој сега е во затвор, но нема информации дали службите се грижеле за ова семејство, кое од она што Телма можеше да го види на терен, живее речиси во субстандардини услови.

Девојченцето сега закрепнува на КАРИЛ. Докторите констатирале дека освен на нозете и на главата има повреди кои се од поодамна а воопшто не се третирани. Започнало да се храни и да реагира на околината, но не се знае како мозокот ќе закрепнува.

Во саботата попладне мајката и  бебето биле примени во Ургентниот центар, девојчето со тешки повреди е задржано, додека мајката со полесни е пуштена дома. И после три дена институциите не знаат чии жртви се. Мајката давала контрадикторни информации и пред полицијата. Сега бебето има нов старател, социјален работник, но одговори за тоа зошто дојде до ова нема.

Билјана Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ