Ракометната репрезентација со триумф го започна настапот на ЕП

Македонската ракометна репрезентација со триумф над Словенија (25:24) ги почна настапите на Европското првенство што се одржува во Хрватска.

Капитенот на Македонија, Кире Лазаров победата над Словенија ја посвети на навивачите кои им дадоа голема поддршка на ракометарите во „Арена Загреб“.

„Уште на загревање кога истрчавме на паркетот ја почувствувавме поддршката од нашите верни навивачи кои поминаа голем пат да дојдат да не бодрат. Тие се клучниот фактор за нашата победа. Секако и ние на теренот имаме заслуга. Одигравме паметно кога се одлучуваше победникот. Ја задржавме топката до крај во последниот напад. Заслужено ги освоивме бодовите. Одиме малку да се одмориме и уште посилно против Црна Гора. Во никој случај не смееме да ги потцениме Црногорците“, изјави Лазаров. Тој со седум голови беше втор стрелец во нашиот тим, зад Дејан Манасков кој постигна осум голови.

По нерешените 11:11 на полувреме „црвено-жолтите“ имаа фуриозен почеток на вториот дел и серија од 4-0 за четири минути, а во 35.минута празен гол за плус 5 од својата половина промаши Дејан Манасков, по што Словенците го постигнаа првиот гол во продолжението. Следуваа три последователни двеминутни исклучувања во редовите на македонската репрезентација по што неминовен беше пападот во играта и словенечкиот состав фати резултатски приклучок. Се влезе во драматичен финиш во кој поуспешни беа нашите репрезентативци.

„Мислам дека нашата одбрана беше многу добра, на почетокот не игравме толку добро, промашивме многу шанси еден на еден, кај противникот имаше многу исклучувања и ние игравме мнгу подобро со плус еден. Сега треба само да се фокусираме на натпрварот против Црна Гора, како што направивме и со Словенија. Сега имаме два бода, треба да играме против Црна Гора и јас не сакам да гледам подалеку, затоа што мислам дека треба да одиме чекор по чекор“, изјави селекторот Раул Гонзалес.

Следниот натпревар Македонија го има со Црна Гора в понеделник во рамките на 2.коло.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ