
Белезите на Шара оставени на забот на времето
Уништувањето на природата и историските објекти на Шар планина ги алармираа планинарите и скијачите да подготват иницијатива за прогласување на Планинарскиот дом Јелак, старата скијачка скокалница и кулата на Титов Врв за споменици на културното наследство.
Велат дека само на таков начин може да се зачува тоа што остана на Шара, која во последниве 5 години немилосрдно се уништува. Попова Шапка е целата изорана, а објектите некогаш изградени кои претставуваат симбол на овој туристички центар оставени се на забот на времето.
„Ископан е еден базен таму, копани се тони и тони волумени камења и за жал тие камења се фрлени и истурени баш на патеката ФИС за велеслалом на Попова Шапка кадешто се одржуваа шарпланинските купови. Тоа е една голема еколошка катастрофа. На местото на познатиот и традиционален чешки лифт којшто тотално се руши. Па се руши целото брдо. Идејата беше оттаму. Нарушена е екологијата, со големи еколошки катастрофи. Ајде од негде да почнеме нешто да заштитиме“ кажа Жарко Трпковски, ски клуб „Љуботен“.
Планинарскиот дом Јелак е еден од најстарите на Шара изграден во првата половина на дваесеттиот век, во ист период е изградена и кулата на Титов Врв и скокалницата каде своевремено се одржувале меѓународни првенства.
Целта е овие три објекти да станат Музеи на планинарањето и скијањето. Иницијативата ја поддржаа голем број планинари и скијачи од Македонија, кои сметаат дека нивната заштита ќе привлече голем број туристи.
„Да привлече повеќе народ да дојде да го види тоа што се направило. Тоа е добро. Поддржувам такви иницијативи, да се заштити планината“ кажа Сандре Алексоски, планинар
Инцијативата ќе ја поднесат до надлежните институции. Велат дека требало порано да преземат чекори, за заштита на овие објекти, но се надевале дека Шар Планина ќе биде што поскоро прогласена за Национален парк, а со тоа и сите природни и историски вредности на Шара би биле зачувани.
Но, постапката за прогласување на ова подрачје за заштитено се уште е во почетна фаза, и не е влезена во собраниска процедура. Во меѓувреме Шара го губи некогашниот сјај каде нејзиното богатство немилосрдно се уништува.
Зоран Димовски