
Невремето уништи повеќе од 500 хектари земјоделски површини
Невреме со силен ветер и град со големина на орев што вчера зафати делови од Пелагонија направи пустош во нивите. Речиси целосно е уништен родот на површина од околу 500 хектари во селата Беранци, Вашарејца, Ивањевци, а најмногу штети има во Долно Српци. Настрада тутунот, лозјата, градинарските култури, бостанот.
„Уништи се, за 15-20 минути уништено е цело поле. Цел атар е зафатен – од лозја, градинарство, тутун, оти нашево село е претежно тутунско подрачје, исклучително со тутун се занимаваме. Од тутунот нема ништо останато“ кажа Драги Ќебакоски, земјоделец.
„Тутунот е доведен на нула, во развој на лисјата нема што повеќе да се собере, нема никаков приход да се извади од него, а парите се дадени, прскање, заштита, сите работи“ кажа Љупчо Зајаковски, земјоделец.
Пред почетокот на жетвата, во овој дел од Пелагонија, градот го уништи и житото, а земјоделците велат дека не им се исплати годинава да жнеат.
„Житарицата е најверојано уништена 85 до 90 проценти, а летните култури сто проценти. Вкупна штета имам од 10 до 15 илјади евра. Се надеваме дека државата ќе ни излезе во пресрет, ако има нешто да не обештети ако има можност“ кажа Димче Вељанчевски, земјоделец.
Од Општина Могила, велат дека во вторник е закажана вонредна седница на Советот на која ќе се расправа за последиците од невремето. Ги повикаа земјоделците да ги пријават штетите, а општинската комисија веднаш ќе излезе на терен да изврши проценка.
Освен Пелагонија, вчера од силно невреме со ветер и врнежи од град беше зафатен и струмичкиот регион – исто така, најголеми оштетувања има кај градинарските култури и посевите со пченица, а предизвикана е и материјална штета на објекти и приватен имот. Министерот за земјоделство Љупчо Николовски, заедно со останатите надлежни институции направија првична проценка на штетите.
„Она што денес ни беше целта да навремено веднаш после првичните информиции да ги направиме првичните согледувања, да се направат првичните проценки околу површината која е опфатена, кои култури и кои региони, да се делува соодветно согласно постапките што следат понатаму“ кажа Љупчо Николовски, министер за земјоделство.
И покрај тоа што временските непогоди во изминатите години предизвикаа огромни штети во земјоделството, производителите ретко ги осигуруваат посевите, иако државата субвенционира 60 проценти од премијата за осигурување. Од ресорното министерство велат дека веќе се работи на олеснување на процедурите, за да се зголеми интересот за осигурување на земјоделските имоти.
Емилија Мисирлиевска