За опозицијата референдумското прашање е манипулација

Определбата за влез во ЕУ и НАТО не треба да се поистоветува со промената на името на државата, тоа е манипулација. Ова е реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на можното референдумско прашање што го најави премиерот во интервју на грчката национална телевизија.

Револтирани од тоа што македонските граѓани прашањето го слушнаа од странски медиум, прашуваат, дали Заев се консултирал со своите пријатели Грци и за тоа, што да го праша македонскиот народ на референдумот.

„Прашањата сами по себе се манипулација и ја поистоветуваат определбата за членство во Европската унија и во НАТО со срамниот договор за срамниот договор што го прифати Зоран Заев. Лагата на Заев е дека обезличувањето на македонскиот народ е предуслов за евроатлантските интеграции, бидејќи тие се темелат на достоинствено партнерство и почитување на човековите права кои за жал Заев ги погази“ кажа Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Премиерот во интервјуто за грчката ЕРТ 1, најави дека, согласноста за Европската унија и НАТО ќе биде во првиот дел од референдумското прашање, а договорот со Грција во вториот.

„Прашањето веројатно ќе биде дали сте за Европската унија и за НАТО и за поддршка на Договорот со Грција. Веројатно во тој правец ќе биде заради тоа што едното со другото кај нас е поврзано. Или можеби прашањето ќе биде дали сте за Европската унија и НАТО поддржувајќи го името Република Северна Македонија заради тоа што тоа е Договорот“ кажа Зоран Заев, премиер на Република Македонија.

Заев во интервјуто лицитира со три датуми на кои би се одржал референдумот – 23 септември, 30 септември или 7 октомври. Повтори дека, се чека самитот на НАТО, за да почнат подготовките за изјаснувањето.

Но, проблем е и формирањето на Државната изборна комисија, околу која деновиве повторно почнаа препукувања.

Од Владата обвинуваат дека опозицијата го кочи процесот за да го одолговлече референдумот. Немаат утврдено кандидати за претседател и членови на ДИК, а комисијата за избори и именувања, чиј претседател е Илија Димовски, никако да биде закажана, иако огласот заврши пред две недели.

Од ВМРО-ДПМНЕ негираат дека го кочат изборот, но и партискиот претседател завчера, како и портпаролот денеска, изјавија дека роковите се истечени и дека е потребно ново законско решение.

Тие, пак, ја обвинуваат Владата дека не е донесен договорениот пакет реформи во изборното законодавство, како и Законите за финансирање на политичките партии и за Влада.

Кој и да ја кочи работата, едно е сигурно, без пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не може да се избере Државна изборна комисија, затоа што е потребно двотретинско мнозинство. А, без ДИК, нема ниту референдум.

Далиборка Демјанска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ