
Егзодусот на белите мантили најмногу ги погоди селата
Во овој објект во селото Љубанци некогаш имало амбуланта. Натписот за работното време сведочи дека лекарот работел во една смена. Денес овој објект е оставен на забот на времето, а последниот лекар кој работел тука ја префрлил својата ординација во населбата Радишани и сега селаните на Љубанци патуваат до таму на лекар.
„Оваа амбуланта некогаш ги опслужувала селото Љубанци и селото Љуботен. Во неа имало општ лекар, стоматолошка ординација и лабораторија. Денес околу 800 жители на селото Љубанци, доколку имаат потреба од лекар, тоа го прават во населбата Бутел или во Чаир“
Љубанци е живо село. Мештаните се сеќаваат дека во минатото во стариот објект на амбулантата своевремено покрај општиот лекар имало и акушерска сестра, над селото имало и објект што се користел и како воздушна бања, а денес за лекар секој се снаоѓа како умее.
Жителите на селата потребата од лекар може да ја остварат на два начина или во амбулантата во селото, доколку ја има или со посетата на руралните доктори. Од министерството за здравство велат дека се соочиле со голем дефицит на кадар заради заминување на медицинскиот персонал од различни причини.
„Министерството за здравство формираше тим кој ги разгледува можностите за вработувања на сите нивоа и за болниците и за здравствените домови, како и за функционирањето на досегашните модели на рурален доктор и рурални амбуланти“ посочија од Министерството за здравство.
Здружението на приватни лекари на Македонија вели дека на државата и недостига стратегија за лекарите во руралните средини.
„Постои листа на амбуланти коишто се комплетно затворени со години веќе, а се уште има народ во тие места. Но, и источна Македонија па и одредени други делови од Македонија веќе се празнат. Има огромна бројка на луѓе коишто ќе одат во пензија. Цели региони ќе остануваат се почесто и почесто без доктори. Да има фиксни плати за докторите не само во руралните средини туку и низ цела Македонија за да ги задржиме и овие доктори коишто се сега. Бидејќи, бројката алармантно расте на доктори коишто бараат потврда за да можат да одат во странство“ кажа Лилија Чолакова Дервишова, Здружение на приватните лекари на Македонија.
Според истражувањето на Хелт групер спроведено пред две години, 612 доктори заминале во државата за само 5 години. Егзодусот на белите мантили не ги заобиколува ни лекарите по селата.
Јордан Дуков