
Доцнат тендерите за набавка на контејнери за депонијата на источниот и североисточниот регион
Доцнат тендерските постапки за набавка на камиони и специјални контејнери кои треба да го превезуваат отпадот од осумнаесетте општини од источниот и североисточниот регион до светиниколското село Мечкуевци кадешто ќе се отвори првата регионална депонија во земјава. Овие постапки според планот требаше да почнат на почетокот на годината.
„Не се се’ уште распишани, тие се во Министерството за финансии. Во Министерството за финансии во овој момент има голем, многу зголемен обем на работа. Ние имаме координации многу често и со Министерството за финансии, односно CFCD и со европската делегација. И сметам дека многу брзо ќе ги отвориме овие тендери и ќе продолжи набавката“ кажа Ана Петровска, државен секретар во Министерството за животна средина и просторно планирање.
Откако централната власт го презеде проектот за отварање на регионални депонии во земјава, локалните власти повторно треба да дадат согласности за воспоставување на регионален систем. Општина Ранковце бара трансфер станицата да не биде во близина на населено место, но според европската регулатива дозволено е ваквите станици да се на растојание од 500 метри воздушна линија од населено место. Општина Свети Николе пак бара специјалните камиони за отпад да не минуваат низ нивниот град.
„Ние работиме на тоа, значи наредната недела излегуваме на терен со надлежни лица, се’ со цел да го избегнеме тоа тесно грло на внес на отпад од другите општини во градот Свети Николе“ кажа Ана Петровска, државен секретар во Министерството за животна средина и просторно планирање.
„Современиот третман на отпад е важен за Македонија најмалку од две причини. Едната е да се обезбеди повисок квалитет на живот на граѓаните, значи во чисти, хигиенски услови. А, од друга страна битно е и од економски аспект затоа што современиот третман на отпад спаѓа во зелената економија“ кажа Лилјана Поповска, пратеник и претседател на ДОМ.
Источниот и севроисточниот регион постапката за отварање на регионална депонија ја започнаа пред осум години, одбивајќи го јавното-приватно партнерство во интерес на стандардот на граѓаните. Над 30 милиони евра треба да чини проектов кој се реализира со европски пари, крајниот рок за отварање на регионална депонија е 2022 година. „Општините без отпад“ беше денешната тема на конференцијата на која се дебатираше во Штип, а организирана од Зелениот институт и ДОМ.
Викторија Димитрова Јованова