Иванов повторно нема да го потпише договорот за името

Претседателот Иванов повторно нема да го потпише указот на Договорот за името. Неговиот став е непроменет: тој вели дека не прифаќа Договор на штета на македонскиот национален идентитет и на интересите на Република Македонија и нема да го поколебаат никакви притисоци, уцени и закани, како што соопшти неговиот кабинет. Иванов вели дека во интервјуто за грчката телевизија ЕРТ, Заев лаже.

„Претседателот Иванов најостро ги демантира лагите изнесени од премиерот Заев во интервју за ЕРТ, дека ќе го поддржи Договорот со Грција. Со своите променливи, контрадикторни и конфузни ставови, Заев продолжува да ја лаже и манипулира не само македонската туку и грчката и меѓународната јавност. Членството во ЕУ и НАТО не смеат да се злоупотребуваат за прифаќање на штетен Договор со несогледливи последици по македонската држава и македонскиот народ“, велат од Кабинетот на Претседателот.

Премиерот Заев вчера изрази уверување дека референдумот ќе биде успешен. Потоа, сите политичари, и власта и опозицијата и Иванов, вели Заев, ќе треба да ги послушаат граѓаните. На истиот начин, според премиерот, ќе следуваат уставни промени и потпис од претседателот.

Во последниве месеци, ова е втор закон, по законот за јазиците, што претседателот втор пат одбива да го потпише. Уставот вели дека, по повтореното гласање, тој е должен да го стори тоа. Спикерот Талат Џафери објаснува дека се разгледуваат неколку опции како сепак да се извршат одлуките на мнозинството пратеници и да не му се дозволи на Иванов да воведе пракса на мешање во надлежноста на Собранието. Една од варијантите што Џафери ја посочи на последниот брифинг со новинарите е:  и Ратификацијата на Договорот и Законот за јазиците во пакет да бидат испратени на печатење во Службен весник само со неговиот потпис.

Соња Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ