Кривична пријава од ВМРО-ДПМНЕ за државниот врв и пратениците

Во црвена папка, со образложение на неколку страници, во Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција, пристигна кривична пријава против целиот државен врв,  со исклучок на претседателот Ѓорѓе Иванов. Ја донесоа тројца пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, придружувани од партискиот портпарол. Покрај премиерот и претседателот на Собранието, кривична одговорност се бара и од министерот за надворешни работи и од пратениците од мнозинството, кои гласаа за договорот со Грција. Основа за пријавата се повеќе кривични дела, поврзани со целиот процес околу договорот.

За ВМРО-ДПМНЕ, покрај  договорот, кршење на Уставот и законите е и договарањето, како и носењето  на законот, со што, велат, е изиграна јавноста, опозицијата, претседателот на државата, како и целиот правен систем во државата.

Дел од пратениците од мнозинството денеска на социјалните мрежи се повикаа на член 64 од Уставот во кој стои дека, „Пратеникот не може да биде повикан на кривична одговорност или да биде притворен за искажано мислење или за гласање во Собранието”. Но, од ВМРО-ДПМНЕ велат дека основа сепак има затоа што тука се прекршени и сите собраниски процедури, со ставање на европско знаменце и исклучување на надлежната Комисија од процесот на одлучување, со што е спречено и дејствувањето на опозицијата.

Ова не е прва кривична пријава на ВМРО-ДПМНЕ против државниот врв. Кривична одговорност тие побараа и за носењето на Законот за јазиците.

Далиборка Дамјанска Цветановска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ