Собранието повторно ќе го гласа законот за ратификација на договорот со Грција

Во 11 часот е закажана собраниската седница на која пратениците треба повторно да го гласаат Законот за ратификација на договорот со Грција за промена на името, откако претседателот Иванов одби да го потпише указот за овој закон, за кој смета дека е противуставен. За повторно изгласување на законот потребни се 61 пратенички глас.

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ најавија дека исто како и минатиот пат нема да присуствуваат во собраниската сала.  За нив, овој договор со Грција е капитулантски за Македонија. Доколку денеска повторно се изгласа законот, се носи кај претседателот на потпис, кој овојпат според уставот е должен да го потпише.

Минатата недела, претседателот на собранието, Талат Џафери, рече дека ако претседателот Иванов го направи истото како и со Законот за употреба на јазиците, односно ако не го потпише указот и за Законот за ратификација на договорот со Грција, тој ќе ги испрати двата закони, со негов потпис, до „Службен весник“. По ова, се огласи и директорот на „Службен Весник“, кој рече дека „Службен весник“ како институција нема да ги спречува прогресивните и напредни процеси во државата.

ВМРО-ДПМНЕ јавно ги опомена претседателот на Собранието и директорот на Службен весник да не ги објавуваат законите, бидејќи ќе извршат кривично дело за кое одговорноста не застарува.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ