
Сивата економија расте, и легалните фирми бегаат во сивата зона
Се поголем број фирми го напуштаат работењето во легалниот систем и целосно или делумно го префрлаат во неформалната црна зона, алармира Сојузот на стопански комори. Главната причина за дерегистрацијата на компаниите, која станала масовна томну од стартот на оваа година, е што тие гледаат дека државните институции и инспекции и натаму ниту ги бараат ниту ги гонат огромниот број диви бизниси кои не се регистрирани и целосно работат на црно, што е нивна нелојална конкуренција, па сметаат дека и за нив би било испластливо да се префрлат во неформалниот сектор, каде нема да ги плаќаат давачките кон државата, а би биле и сигурни дека никој нема да ги чепка.
Сивата економија постоела и ќе постои, но таа значајно почна да се зголемува од крајот на 2015 година, вели Арсовска. Станува збор за поединци кои немаат регистрирано ниту фирма, ниту дејност, а имаат отворено дури и големи погони, во кои на црно работат и по 70 до 80 лица.
Од Владата ССК бара итни мерки за битка на институциите на власта со сивата економија, која не внесува ни еден денар во буџетот на државата. Според ОЕЦД таа е на ниво од 25 отсто, но анализите на комората говорат дека изнесува над 30 проценти. Над 55,5 отсто од нашите фирми, пак, пријавиле дека се борат со сивата економија, што е највисоко ниво во регионот.
Министерот Шапуриќ ги слушна проблемите на бизнисот со сивата економија, и вети дека Владата ќе ги провери ваквите наводи, особено тоа дали се дерегистрираат фирми кои и претходно биле неактивни, бидејќи постапката за затворање кај нас е долга и комплицирана. Тој најавува засилени контроли од инспекциските служби, но побара од фирмите со нив да соработуваат и сами да ги пријавуваат компаниите што работат во неформалмната економија.
Според анализите на ССК, сивата економија е најмногу застапена во транспортот, градежништвото, туризмот, угостителството и услужните дејности.
Нина Нинеска-Фиданоска