Владата најде решение, Еурокомпозит не го прифаќа

Вработените во Еурокомпозит не го прифаќаат понуденото решение на владата, со заем од ЕЛЕМ и МЕПСО да им се исплати дел од платата и да се набават репроматеријали. Велат дека тоа не е решение за нивниот проблем, туку само уште една лага во низата дадени ветувања. Штрајкот не го прекинуваат и ќе останат да кампуваат во шаторите пред владата.

„Нас за исплата на една минимална плата ни требаат 3 милиони денари. Имаме капацитет да заработиме само 20 %, значи се решава проблемот само за овој емсец, а за следниот пак ли ќе бараме државна помош“, вели Роберт Богдановски од синдикатот на Еурокомпозит.

За спас на прилепската компанија, владата вчера ги задолжи двете енергетски компании да обезбедат позајмица од вкупно 6 милиони денари за плати, 30 % за набавка на репроматеријали а останатите за тековно производство на воена и полициска опрема. Рокови за изнаоѓање трајно решение за овој голем загубар нема, но владата уверува дека е  свесна за тешката состојба во која се наоѓаат и компанијата и вработените

„За жал синдикатот не прифаќа, мислат со штрајк ќе се дојде до решение. При крај е анализата за состојбата на Еурокомпозит, веќе има заинтересиран купувач. Дел од вработените ќе одат технолошки вишок“, вели владиниот портпарол Миле Бошњаковски.

Вработените во прилепски Еурокомпозит вчера поставија десетина шатори во обид да ја потсетат владата на ветувањата што им ги даде пред два месеца, за исплата на 18 заостанати плати и придонеси за 6 години. Утре во Скопје пристигаат уште педесетина вработени со иста намера да штрајкуваат се дури фабриката не се продаде или не бидат прогласени за технолошки вишок.

Виолета З. Стојановска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ