
Прием на 125 професионални војници во АРМ
Новите 125 професионални војници, од кои 15 жени, кариерата ја почнуваат со повисока плата за десет отсто. За разлика од нивните постари колеги, добија и нови униформи и чизми. Построени под врелото сонце, додека нивните старешини церемонијата ја набљудуваа од сенка, решенијата за работа во АРМ ги примија од премиерот и министерката за одбрана. И двајцата им порачаа дека се среќна генерација,што ќе и служат на својата земја, како земја – членка на НАТО.
Шеќеринска нема дилеми дека идната недела Македонија ќе добие покана за НАТО. Со тоа, вети и подобар стандард.
Тешко, велат од синдикатот на одбраната. Подобрувањата се добри, но не и доволни. Зголемувањето од десет проценти на плата не значи многу кога платите се 15 до 20 илјади денари. Професионалните војници, старешинскиот кадар, па и цивилните лица вработени во АРМ, масовно си заминуваат од работа поради ниските плати и лошите услови.
До крајот на годината, составот на АРМ треба да се зајакне со уште 375 професионални војници.
Далиборка Дамјанска Цветановска